Стоматолошки Факултет Скопје
   
Прашања и одговори

Што претставува стоматологијата?

За многумина, стоматологијата значи заби, што секако дека е точно – но не заборавете, забите се прикрепени во устата на човекот, а сето тоа заедно претставува една органска жива целина. Иако забите навидум немаат приоритет во големата шема на човековиот организам, нивното здравје и изглед имаат големо влијание во животот на секоја индивидуа. Освен што забите ни помагаат да се храниме, тие и нашата насмевка може да имаат големо влијание во нашиот живот, во нашето друштвено, емоционално и професионално позиционирање и самодоверба. Да не зборуваме, пак, за тоа, колку не онеспособува силната забоболка?! Денес, да си стоматолог, значи многу повеќе од тоа да поправаш расипани заби, да чистиш забен камен или да изработуваш протези. Стоматологијата е навистина една од главните гранки на медицината која што се грижи за оралното здравје во целост.
Па, што е тогаш грижа за оралното здравје? Веројатно многу повеќе отколку што можете да замислите:

  • Превенција на заболувањата на забите – забен кариес и на заболувањата на непцата;
  • Корекција на оштетувањата предизвикани од овие заболувања доколку не биле спречени;
  • Рано откривање на оралниот карцином – докторот-стоматолог е тој, а не докторот-медицинар, кој ќе ја забележи прв сомнителната промена;
  • Згрижување на трауми, што не се емоционални проблеми туку последица на сообраќајни незгоди, незгоди во детска возраст. Во овие ситуации ќе биде неопходно да се згрижат повредите на забите, но, за жал, понекогаш и на другите фацијални структури;
  • Ортодонција – подредување на забите во правилна забна низа со помош на ортодонтски подвижни и фиксни помагала кај деца и возрасни. Никогаш не е доцна да се исправат неправилно подредените заби;
  • Орална хирургија – вадење на заби што не можат да се поправаат, прекубројни заби и мали хируршки зафати
  • Стоматолошка протетика (фиксна и мобилна) – надоместување заби при  делумна или целосна беззабост 
  • Разни промени во внатрешноста на устата, на јазикот и усните – улцери, бели или обоени промени, што предизвикуваат болка или не. Не заборавете дека устата е огледало на вашиот организам, па, ќе ви треба солидно познавање на општата медицина

Стоматологијата се движи многу рапидно и затоа како професионалци, ќе треба спремни да ја пресретнете потребата од континуирано надградување на знаењата. Никогаш нема да престанете со учење, затоа, за вас е подобро да ја засакате како приоритет.


<< На почетна

 

 

 


Зошто да студирам стоматологија? Што понатаму?

Стоматологијата е особено интересна и со здобивањето на звањето доктор по стоматологија (д-р), веројатно релативно лесно ќе најдете работа. Како дипломиран доктор по стоматологија ќе стекнете:

  • Вештина во комуникацијата со луѓе, без тоа не може да се биде добар стоматолог;
  • Способности за резонско учење или  способност да се пронајде причината и да се протолкува некоја информација
  • Способност за тимска работа
  • Способност да бидете водач на тим
  • Способност за рационализација на потрошено, наспроти минимум потребно време за одреден стоматолошки потфат

Стоматолозите кои имаат дефинирани визии за својата професионална кариера, секако имаат повеќе опции. Можат да работат како општи стоматолози, приватно или не. Освен што можат да бидат општи стоматолози, некои ќе се одлучат за специјализација во областа на оралната или максилофацијалната хирургија, ортодонцијата, детската стоматологија, стоматолошката протетика. Можете да специјализирате орална патологија и пародонтологија или болести на забите и ендодонтот. Некои, според афинитетите, со последипломска едукација, ќе можат да се посветат на научноистражувачката дејност, да се вклучат во проекти за унапредување на оралното здравје преку просветување на населението.


<< На почетна

 

 

 


Дали студиите ќе ми причинуваат задоволство?

ДА – ако:

  • Сакате да работите со луѓе. Тоа е основното, но не само со тие што ви се допаѓаат!
  • Сакате да се грижите за луѓето и сакате да го подобрите нивното здравје
  • Сакате да работите со раце, може да е тоа готвење храна, моделирање, шиење или свирење некој инструмент
  • Сте заинтересирани за науката и нејзината практична примена
  • Сакате разновидност во работењето
  • Сакате да работите како дел од тим

<< На почетна

 

 

 

 

Зошто да студирам на Стоматолошкиот факултет во Скопје?

Во 2002 г. Стоматолошкиот факултет иницираше воведување петгодишни студии по стоматологија според Европскиот кредит трансфер систем, се со цел да се доближиме и да се изедначиме до Европскиот модел на студии по стоматологија, што е предуслов за признавање на докторските дипломи по стоматологија во Европа.
Студиите на Стоматолошкиот факултет, насекаде во светот, па и во Скопје, се напорни предизвици. Стоматологијата е медицинско-техничка наука. Според тоа, за време на студиите применуваме комбинирана теоретска и практична настава за да ви обезбедиме оптимални услови за учење. Обуката се изведува преку различни форми: интерактивна теоретска наставна или активно учење, континуирана проверка на знаењата, до практични вежби на најсовремена стоматолошка опрема и техники.
Низ теоретската и практичната настава ќе ве водат искусни наставни кадри за вие, идни професионалци, постапно да се здобиете со сопствени искуства, знаење и умеење за самостојна работа во ординацијата или во заботехничката лабораторија.
Тимската работа на студентите, од една страна и на сите вработени вклучени во едукативниот процес од друга, дава извонредно добри резултати.
Континуираното учење, работата и усовршувањето се битен предуслов за студиите успешно да се завршат.
И, на крај, ќе останете дома, во татковината, блиску до своите домашни и до пријателите!


<< На почетна

 

 

 


Други информации

<< На почетна