| Меѓународна соработка
Стоматолошкиот факултет како високообразовна институција, центар на едукацијата и извор на стоматолошката професија, реализирајки ја својата улога, задачи и дејности кои се и формално утврдени со правниот темел, односно Статутот на факултетот, е постојано насочен и ориентиран кон остварување на високообразовна, научна, стоматолошка, техничка и стручна соработка со странски високообразовни, научни, стоматолошки и други институции, како дел од грижата за унапредување и учество во развојот на вкупниот образовен систем во областите во кои е матичен. Оваа соработка е предвидено да се остварува преку организирање научни симпозиуми, семинари, курсеви, советувања и други видови собири, а факултетот користејки ја својата академска слобода и автономијата во управувањето, но во нејзини рамки одлучува за формите и начинот на соработката со други високобразовни и научни институции од странство.
Оваа соработка е исклучително значајна, во услови кога од особен интерес на факултетот е следење на светските трендови и достигнувања од областа на стоматологијата, следење на се што е ново, проверено и прифатено како напредок во науката и праксата, следење на напредните текови и информации за постојано и контунуирано унапредување на едукацијата не само на додипломските, туку и на постдипломските, специјалистичките, како и на докторските студии, но и на семинарите и сите други форми на едукација во организација на факултетот. Ова несомнено произлегува од основите на постоењето на факултетот, кој сета комуникација со институциите кон странство ја остварува самостојно или во рамките на меѓународната политика на Универзитетот каде факултетот е акредитиран како внатрешна организациона единица и тоа преку склучување на договори и учество во меѓународни организации, здружување и асоцирање во соодветни организации, институции и асоцијации во странство.
Сето претходно кажано својата правна основа ја наоѓа во Законот за Високо образование каде во дефинирање на дејностите на факултетот, односно во вршењето на образовната и научно-истражувачката дејност вниманието се полага на остварување научна соработка со сродни висообразовни и научни установи од странство.
Стоматолошкиот факултет трудејки се да ја задржи линијата на една интернационална комуникација, секогаш како дел од организацијата на едукативните форми чини тоа да бидат странски предавачи со теми кои го побудуваат вниманието и интересот поради својата модерна ориентираност, па во агендата на многу успешно организирани семинари стојат еминентни имиња на предавачи од странство од Република Турција, Србија, Словенија, Хрватска и сл. Оваа дејност на факултетот уште повеќе ќе биде видлива со основањето на Школата за континуирана едукација, која е дел од едукативниот процес на факултетот независен од додипломската и последипломската (специјалистичка) настава, а се остварува преку континуирани workshop курсеви за дообука и апликација на најновите достигнувања во стоматологијата.
Многу повеќе е потребно да се назначи дека во последниов период соработката со образованите институции од странство добива и формален аспект во смисла на склучување договори, каде релациите на меѓусебна соработка се детално дефинирани и од каде произлегуваат многу можности за успешна реализација на едукативната и научно-истражувачката дејност на факултетот.
Склучен е договор за научна соработка со Стоматолошкиот факултет од Гази Универзитетот во Анкара, Турција со цел основање на научни, академски релации и соработка во наставата и во различни научни полиња од заеднички интерес за двете страни.
Склучен е договор со Стоматолошкиот факултет од Универзитетот Лома Линда во Калифорнија, Соединетите Американски држави каде целта на соработката е дефинирана како промовирање на соработка во наставата и истражувањето помеѓу двете институции, соработка во организирање на симпозиуми, конфренции, кратки курсеви и средби, но и евентуална размена на студенти за одреден период на студирање или истражување.
Склучен е договор со Стоматолошкиот факултет од Универзитетот во Загреб чиј предмет е научна, наставна и стручна соработка на програмите и проектите од заеднички интерес, а кои се однесуваат на реализација на научноистражувачката и стручна работа, како и изведување на настава на додипломските и постдипломските студии на двата факултета.
Понатаму, перспективно, континуирано се продолжува со развој на релациите во било која сфера и поле значајно и од интерес за факултетот, па во тој контекст се поттикнува целиот негов кадар и соработниците, студентите на студии во организација на факултетот, како и секој кој се бави со оваа професија да во врските, контактите ја наметне институционалната соработка која е невообичаено важна за перманентен стек на знаења и нивно пренесување, онаму каде тоа е најпотребно.
|