| Koнтинуирана едукација
Континуираната едукација е дел од едукативниот процес на Факултетот, независен од додипломските и постиплоски студии, што опфаќа стекнување на нови и продлабочување на веќе стекнатите знаења и вештини од општото, но и од специјалистичкото стоматолошко образование.
Потребата од континуирана едукација на докторите стоматолози посебно се наметна со процесот на реформите во лиценцирањето на стоматолозите од Македонија со Законот за здравствена заштита од месец март 2004 година.
Докторите стоматолози можат да ја обноват лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата (7 години) со континуирано стручно усовршување преку следење на новините во стоматологијата и со тоа унапредување на сопственото знаење,меѓудругото се стекнат со соодветен број на бодови.
На Стоматолошкиот факултет во Скопје се воспоставени разни форми на континуирана едукација - обука (тренинг курсеви,семинари и други форми на континуирана едукaција).
Курсевите и другите форми на континуирана едукација имаат за цел да го запознаат стоматологот практичар со формите и модалитетите на работа во одредена област, да го оспособат и обучат за изведување на поедноставни постапки кои се новини во стоматолошката практика. Тие може да се однесуваат на примена на нов метод во решавањето на одреден проблем, примена на нови материјали и технологии во дијагностичко-терапевтските процедури, нов пристап при дијагностика и третман на поединечен случај, како и промена на концепт при дијагностика и третман на одредени состојби.
Едукативните содржини од семинарите се објавуваат во посебна публикација на Факултетот, Стоматолошка ревија.
За завршената форма на континуирана едукација соодветно на видот и обемот на стекнатото знаење, се издава соодветен документ (свидетелство,сертификат и сл.) кој носи определен број на бодови, што ги утврдува Стоматолошката комора. |